Дедо Громче-Досие Х КОЈ Е ДЕДО ГРОМЧЕ ?

Еден дедо кој не бил, не е и не ќе е никој и ништо, ами секогаш бил, е, и ќе биде ем нешто ем сешто од нас, пред нас и во нас. Еден дедо кој, за разлика од другите дедовци меѓу народецот наш насушен, за разлика од мајмунот кој само што не го направил последниот еволутивен чекор до човек исправен, горд, самостоен и граѓанско- индивидуално самосвесен, се слуша, се гледа, се чита, ама и за се премислува, промислува, домислува.

Колку се слуша гласот на Дедо Громче? Според темелни, научно фундирани истражувања на јавното мислење од страна на најпознатите истражувачки агенции, институции и компании во светот, спроведени по нарачка на највисоките општествено - политички, културно - научни, јавни и тајни органи на Република Македонија (со мошне интересна 'референца' во поблиското и подалечното минато, со нејасно и непознато потекло и значење-БЈРМ), Дедо Громче се слуша колку што се слуша гласот на народот. А бидејќи тој- гласот на народот во Република Македонија отсекогаш, а особено од периодот на транзицијата и капитализацата па наваму најмногу се слушал, се слуша и нема причина и во иднина да се слуша, тоа ќе рече дека Дедо Громче се слуша најмногу од сите познати и непознати дедовци, а за бабите ич да не правиме муабет.

Па сепак, прибидејќи мнозинскиот македонски народ, како граѓанска заедница, и немнозинските немакедонски народи како национално - малцински колективитети, многу повеќе сакаат да читаат (во однос на гледањето поради пречестото паѓање мрак на очи е забележано мижење и замижување пред стварноста, вистината и полувистината), Г-нот Дедо Громче реши она што го кажува, но и она што го замолчува или премолчува, да го пише за пишано да му остане: секој ден да не остане кусур - без некое ретче, да си пишува ХРОНИЧЕН ДНЕВНИК, и тоа во тетратки со тесни и широки линии и со плајваз што го сочувал од детските ученички, средношколски и студентски денови.

ХРОНИЧНИОВ ДНЕВНИК НА ДЕДО ГРОМЧЕ, што и се нуди на јавноста во тонска верзија, е резултат на технолошкиот развој на современата цивилизација и на граѓанското општество во Македонија: хроничен (не хронолошки), позиционерско - опозиционерски, што ќе рече ни по баби, ни по стриковци, ни по горни ни по долни, ни по други блиски и далечни роднини и нероднини, слободарско - самоцензурирачки дневник со трајни, безвремени и безгранични вредности.

ХРОНИЧНИОВ ДНЕВНИК НА ДЕДО ГРОМЧЕ се слуша со и без концентрација, од имајкаде до немајкаде, ангажирано - активно и рамнодушно - пасивно, контекстуално и конотативно, во редови, меѓу редови и без редови. За она што е речено Дедо Громче инсистира дека не сноси никаква одговорност, особено ако спомне некого од познатите и заборавените случајно или намерно. Инсистира по никоја цена на неговото:'Јас што ќе речам, речено е'.

Слушајте го за да не се најде некој да ве преслуша!

Преслушај издание на оваа аудио книга:

Кликни тука и псети го нашиот YouTube канал
за повеќе емитувани епизоди од овој аудио серијал на Гром радио.

Контактирај не за да ги набавиш сите досегашни изданија.
Кликни тука или контактирај не на 075384763 или 078384763.